Почитувани пријатели,

Прехранбената индустрија „Кристал 1923“ од Велес веќе 90 години е синоним за квалитет. Нема домаќинство во Македонија во кое нашите производи немаат свое место. Маслото за јадење и маргаринот „Кристал“ се нашиот најпрепознатлив бренд, но подеднакво сме горди и на останатите производи: таан алвата, локумот, желе бонбоните, зачините, слаткото од смокви, производите од соја итн.

Развојниот пат на Прехрамбената индустрија „Кристал 1923” АД од Велес започнува во 1923 година. Како фабрика за масло работи до 1999 година кога е трансформирана во Прехрамбена индустрија поради широкиот асортиман на прехрамбени производи во сопствено производство.

Денеска ПИ „Кристал 1923“ е модерен прехранбен капацитет, во кој целокупниот производствен процес се одвива во строго контролирани услови што претставува најдобра гаранција за безбедноста и квалитетот на секој производ кој излегува од нашата фабрика. За нас е особено значајно што „Кристал 1923“ е единствениот капацитет во Македонија кој има целосно заокружен процес на производство на сончогледово масло, од семе до финален производ.

Сакајќи да го задржиме високото место на пазарот и довербата на потрошувачите, која се пренесува од генерација на генерација, „Кристал 1923” продолжува да се развива и да инвестира во производството на здрава и квалитетна храна.
Квалитетот е наша обврска! Ваше е да се храните здраво!

Со почит,
Ваша „Кристал 1923“

Технички капацитети

Фабриката располага со:
• Единствен капацитет во РМ за преработка на маслодајни семиња (сончоглед, репка, соја во зрно) од преку 50.000 тони годишно;
• Цистерни за складирање 15.000 тони сурово масло;
• Рафинерија за производство на 100 тони рафинирано масло дневно;
• Линија за амбалажирање масло за јадење од преку 100 тони дневно;
• Капацитет за производство на маргарин и други тврди масти од 7000 тони годишно;
• Производство на кондиторски производи (алва, локум, желе) од 1000 тони годишно;
• Производство на оцет (алкохолен, вински и јаболков)

Историјат на фабриката

 

Фабриката за масло од Велес е најстар капацитет за производство на масло за јадење во Република Македонија, додека на Балканот и просториите на поранешна Југославија влегува во составот на трите најголеми индустриски капацитети кои до денес  работат успешно според пропишани стандарди за квалитет. Традицијата на производствениот процес датира уште од 1923 година. Продолжувајќи ја традицијата на производство на масло за јадење од маслодајни семиња, фабриката континуирано се проширува и технолошки се усовршува за производство пратејќи ги последните трендови во системите за квалитет. КРИСТАЛ 1923 денес располага со единствен капацитет во државата за складирање и преработка на маслодајни семиња.

Во основните производи на фабриката покрај маслото за јадење спаѓа и маргаринот. Процесот на производство на маргарини се одвива во посебен погон на компанијата, прилагоден со производна линија која поседува врвни технолошки перформанси за производство на разни видови маргарини. Посебно обележје на производствената програма дава незаменливиот маргарин коцка кој со децении е познат во традиционалната македонска кујна при подготвување на специјалитети, теста, солени и благи десерти.

 

Во 1999 година не случајно фабриката за масло прераснува во прехранбена компанија, бидејќи покрај далеку познатата велешка таан алва, компанијата станува производител на уште неколку разновидни производи за широка потрошувачка. Ориенталниот производ поточно таан алва, кој на овие простори доаѓа од Пакистан преку Турција како признат ‘’кралски десерт ‘’, велешките мајстори успеале да го оплеменат, произведат и традиционално да го постават на домашните трпези. Традицијата на производство на алва е проследена и со локумот кој денес постојано се усовршува и збогатува, а до потрошувачите пристигнува во најразлични видови. Освен производство на ориентални производи, компанијата постојано работи на усовршување на постоечките производи а воедно и создавање на нови со цел да ги задоволи потребите и барањата на потрошувачите. Во широката палета се вбројуваат незаменливите желе бонбони кои ги засладуваат најмладите и го збогатуваат вкусот на десертите. Во програмата на компанијата се вбројуваат и производи како кокос, сусам, какао, палента и многу други зрнести производи. Од новата палета на производи неизбежно е да се спомнат трите видови на оцет. При подготовка на храната домаќинките редовно го користат зачинот на Кристал “Еленка”, кој изобилува со најразлични видови на сушен зеленчук.

Традицијата, квалитетот и доследноста кон барањата на потрошувачите не застанува, развојот на производната програма не застанува, тука Кристал 1923 чекори на патот да стане успешна компанија од европски размери.